| ДијастемаДијастема е термин кој го означува просторот  помеѓу два соседни заби, најчесто помеѓу предните горни секачи. Овој простор  најчесто се јавува како резултат на несоодветен однос помеѓу големината на  забите и големината на вилицата во која се сместени, а исто така може да е  предизвикана и од неправилна (пониска) поставеност на френулумот (ресичката) на  горната усна. Со оглед дека формата, големината и поставеноста на забите, исто  како и големината и обликот на вилиците се наследуваат од родителите, и за  појавата на дијастемата големо влијание има генетиката – ако родителот има  дијастема, има големи шанси да ја има и детето. По правило,   забите се во низа во која се  допираат  меѓусебно и меѓу нив нема простори. Ова сфаќање за естетиката е најшироко прифатено  и во однос на него постоењето на дијастема или дијастеми е отстапување и  претставува естетски проблем. Решавањето на овој проблем е ортодонтски или  протетски Под ортодонтско решавање се подразбира  користење на ортодонтски направи – протези кои за одредено време ги поместуваат  забите и ги затвораат просторите.Предноста на ова решение е што е неинвазивно –  забите остануваат онакви какви што се, само се поместуваат. Недостаток на ова  решение е што дава најдобри ефекти кај помлади пациенти и тоа што за да се  постигне саканата состојба потребно е повеќе време – најмалку неколку месеци.
 Протетското решавање е со користење на  протетски изработки – винири или коронки со кои се менува формата на забите и  на тој начин се затвараат просторите.Винирите се изработки од посебен вид на  порцелан, имаат изглед на лушпи кои се лепат на површината на забите и  изгледаат исто како и забите. Коронките можат да бидат од различен материјал  при што најдобри естетски резултат даваат целосно порцеланските, безметални  коронки.
 Предност на протетското решавање е тоа што се  постигнуваат брзи резултати (за неколку дена), тоа што со нив може да се коригираат  и други недостатоци (бојата, формата и големината на забите) а недостаток е тоа  што е потребно одредено состружување на забите.
 Кај одредени случаи, можно е проблемот да се  реши со поставување на композитни пломби со кои рамномерно би се пополнил  просторот на дијастемата, но ова решение дава резултат само во случаи на помала  дијастема, резултат и ваквото решение е со помала трајност. На крај треба да се спомене дека дијастемите, просторите  помеѓу млечните заби кај децата се правилна и нормална појава. автор на тестот: д-р Александар Нечаковски последна измена: 10.08.2008
 |