Најчести прашања во врска со млечните заби...
Што се подразбира под никнување на забите?
Процесот на појавување на забите во устата е она што се вика никнување на забите а тоа е само еден дел од развојот на забите. Развојот започнува со формирањето на забните никулци во коската на вилицата а завршува со целосното формирање на забните корени, неколку години по никнувањето на забите.
Кои заби први растат - на горната или на долната вилица?
Забите на долната вилица почесто никнуваат први, но понекогаш може прво да се појават горните заби, што е исто така во ред.
На која возраст почнуваат да растат забите? Во кој период завршува растењето на млечните заби и од која до која возраст се менуваат млечните со трајни заби?
Никнувањето на забите започнува најчесто околу шестиот месец по раѓањето со појавувањето на долните секачи и продолжува се до првата половина на третата година од животот – околу 30-тиот месец по раѓањето, до кога најчесто се никнати сите 20 млечни заби. Околу шестата година од животот се јавуваат првите трајни заби, првите катници – шестките а потоа започнува замената на млечните заби која обично трае до 12-тата година до кога сите млечни заби би требало да се заменети со трајни.
Што е разликата меѓу млечните и трајните заби?
Главната разлика помеѓу млечните и трајните заби е во нивната функција т.е. улогата која ја имаат и поради тоа нивниот број, формата и градбата е различна. Млечните заби освен нивата улога во исхраната, имаат функција и во правилниот развој на вилиците и развојот на говорот, а со нив е поврзано и правилното никнување на трајните заби.
Кои се првите симптоми за никнување на забите?
Првите симптоми за никнувањето на забите се зголемено лачење на плунка, зголемена осетливост на непцата - иритабилност, зголемен нагон за гризење, намален апетит, понекогаш слаби болки и раздразливост. Понекогаш можно е мало покачување на телесната температура но ова не би требало да трае долго или да е со поголем обем, затоа што никнувањето е физиолошки, природен процес. Сепак никнувањето на забите е во период кога општи симптоми причинети од други причинители може погрешно да бидат припишани на никнувањето на забите.
Што може да сторат родителите за децата да не ги боли непцето при растењето на забите? Има ли некои народни лекови кои можат да помогнат?
За намалување на болките при никнувањето на забите постојат посебни играчки – лажалки , со површини кои се специјално изработени за гризење кои со притискањето на непцата го олеснуваат никнувањето. Исто така помага користењето на ладна течна храна (на пр. кисело млеко) која со тоа што ги лади непцата ги намалува проблемите.
Колку време трае периодот на никнување на забите?
Периодот на никнувањето на забите е неколку дена – најчесто околу една недела за секое запче при што симптомите се присутни неколку дена пред и неколку после појавувањето на забот во устата.
Што им предложувате на родителите за да ги заштитат од проблеми со забите? Кога да внимаваат на забите на детето и што треба да прават?Грижата за забите на новороденчето започнува уште пред неговото раѓање, со правилната исхрана на мајката за време на бременоста, особено од четвртиот фетален месец па понатаму. Во овој период исто така се препорачува дополнување на исхраната на мајката со флуориди, по консултација со стоматолог. После раѓањето, грижата се состои во формирање на здрави навики за правилна исхрана (помалку шеќери) и редовна хигиена на устата и забите со користење на препарати кои содржат флуориди (во форма соодветна на возраста).
На колку години детето треба да дојде прв пат на стоматолог и колку чести треба да бидат тие посети?
Со појавувањето на првите заби, потребно е да се направи и првата посета на стоматолог, а понатаму да се вршат контроли на секои три месеци, со што постојано ќе се следи развојот и ќе може најдобро да се планираат мерките за спречување на болестите на забите или евентуалните неправилности во развојот.
Зошто на некои дечиња млечните заби им се црни и што предложувате за заштита од таквата состојба?
Во детската возраст се јавува една форма на расипување на забите позната како циркуларен кариес која за брзо време го уништува забот. Причината за појавата на оваа форма на расипување на забите е преголемото користење на засладени напитоци (сок, засладено млеко) комбинирано со слабата отпорност на штотуку никнатите заби. Заштитата од циркуларен кариес се состои со намалување на користењето на шеќери освен за време на главните оброци (особено не пред спиење или за смирување на детето) и внимавање на хигиената на забите – со користење на соодветна детска четка уште со појавувањето на првите заби.
автор на тестот: д-р Александар Нечаковски
последна измена:
28.02.2010
|
|
|